Thursday, May 3, 2007

Интервју со Митрополитот Повардарски Агатангел - за Шпиц 07. 04. 2007



1. Пред нас е празникот над празниците, Велигден. Што е тоа што го прави овој празник најголем меѓу христијанските празници и каква порака им испраќа Христовото воскресение на верниците?

Велигден е празникот, со кој, за нас христијаните, започнува сѐ, зашто тој во себе ја содржи смислата на христијанскиот живот и христијанската надеж. Воскресението Христово е основа на нашето постоење, тоа е моментот кога Господ Бог ни ја покажа целата Негова добрина и убавина. Светиот апостол Павле, најголемиот мисионер во историјата на христијанската црква и најголемиот проповедник на Христовите дела и зборови, во едно од своите посланија вели, ако Христос не воскреснеше, празна и залудна ќе беше нашата вера. Според тоа, овој ден го претставува нашето оживување, почетокот на ослободувањето од сите стеги околу нас и од товарот на гревот во нашите души. Без воскресението христијанството би било само еден обичен морален систем и една обична филозофска доктрина. Со овој ден Господ Бог покажа дека добрината секогаш ќе го надвладее демонскиот обид и го охрабри човекот, во неговиот живот, секогаш да тежнее кон доброто, љубовта, пријателството и милоста. Светлината на Христовото Воскресение ја осветлува патеката по која треба да се движиме, ни покажува да го спознаеме целото создание околу нас, ни заповеда да се спознаеме себеси, да го прифатиме со љубов нашиот ближен, а преку тоа и целиот човечки род. Велигденската прослава ни порачува да ги истрпиме сите неправди, сите искушенија и сите маки, зашто на крајот секогаш ќе ја примаме милоста Божја и ќе го искусиме нашето спасение.

2. Колку православните верници од Македонија ја познаваат својата вера?

Православната вера е длабоко вкоренета во нашата македонска земја. Колку и да сакаме да негираме, мораме да го признаеме ноторниот факт дека македонската историја, култура и цивилизација почиваат врз христијански принципи. Христијанската православна вера е врежана во нашиот ген. Врз основа на сето ова, македонскиот човек не може да не ја познава својата вера, тој само треба да најде начин да ја открие. Ние, Македонците, сме духовно цврст и силен народ. Спознавајќи ја и практикувајќи ја својата вера сме надминале многу препреки и сме успеале да опстоиме многу векови. И денес, во основа, православните верници во Македонија лесно ја спознаваат својата вера и ги практикуваат нејзините духовни обичаи. Но, останува впечатокот, дека секогаш мора да се потрудиме повеќе и пофокусирано да пристапиме кон спознавањето на основното учење на православието. Македонскиот човек, мора подобро да ја спознае доктрината, моралот и значењето на богослужбите на Православната црква, зашто така полесно ќе го прими Господа и ќе успее да го воздигне својот дух.

3. Владата го претстави проектот за воведување на веронауката во училиштата. Колку и како воведувањето на верската поука ќе влијае на личноста и учениците и какви придобивки ќе има општеството од нејзиното воведување во образовниот систем?

Предлогот за воведување на веронаука го имаше своето прво претставување пред неколку години. Веронауката, според статистиката која ние како Брегалничка епархија во тоа време ја имавме (кога јас бев Брегалнички владика), која е приложена на увид на државните органи и на пошироката македонска јавност, гласи дека процентот на посетеност на оваа настава се движеше од околу 70% во градските средини и од околу 95% во селските средини и покрај тоа што ова прашање, за жал, некој упорно го политизираше, не бивајќи свесен за последиците од оваа постапка. Колку што јас се сеќавам и во останатите градови во Македонија, горе-долу, се движеа истите бројки и проценти. Тогаш, и покрај сите нелогични притисоци, можам да кажам дека веронауката беше одлично прифатена. Но, како што сите знаеме, оваа тема влезе во една бурна политичка расправа, која за жал и денес не може да ги оттргне своите стеги од неа. Лично, мислам дека ако сите овие години, наместо во дневното политикантство, веронауката го најдеше своето место во образовниот систем, ефектите ќе беа видливи за сите и ќе немаше место за нејзино оспорување. Доколку, пак, се повикаме на европските искуства, треба да знаеме дека само нашата држава, Албанија и Црна Гора немаат воведено веронаука во образовниот систем. Ние, секако дека не сакаме да бидеме транзициски тркачи на опашката од трката. Образовниот систем има реална потреба од веронаука. Воспитувањето на децата е поле каде што веронауката може многу да помогне. Денес, децата, како да се оставени настрана, како никој да не ги забележува што прават. Оставени се спознанието да го бараат сами, преку интернетот и телевизијата, што, пак, резултира со страшни девијации. Но, дали сме свесни колку скапо може тоа да нѐ чини? Тие се нашето најголемо богатство и мораме со најголема сериозност да пристапиме кон воспитниот процес. Во оваа насока веронауката, преку својата доктрина и морал може да му понуди голема помош на образовниот систем, и затоа сметам дека е толку потребна во училиштата. Веронауката доби зелено светло за отпочнување на својата мисија и крајниот ефект од неа ќе биде поздравен од сите, сигурен сум во тоа.

4. Премиерот Никола Груевски и министерот за финансии Трајко Славевски најавија дека максимално ќе го забрзаат процесот на враќање на национализираните имоти на верските заедници. Дали сте задоволни од темпото на денационализација и што ќе значи враќањето на имотот за животот на МПЦ?

Процесот на денационализација на имотите на Македонската Православна црква е исправање на една голема неправда нанесена, не на Македонската православна црква, туку директно на македонскиот народ. Материјалната подлога и парите воопшто не се крајниот интерес за исправањето на оваа неправда. Нашите предци, кои живееле во многу потешки услови од нас, со мака одвојувале средства за да му изразат благодарност на Господа. Тие граделе Божји храмови, во услови кога пет века сме биле во ропство под Отоманската Империја. Храмовите кои тие ги граделе, се сведоштво за надежта и силата која ја наоѓале за да ги истрпат тие тешки моменти. Факт е дека преку Црквата, низ целиот тој мачен период кога за скратување на маките требало само да си ја смениш верата, нашиот народ го задржал својот идентитет. И сето тоа во еден миг неразумно им било одземено на Македонците. Затоа Македонската православна црква е задоволна од тоа како се движи процесот на денационализација на верските имоти, уште повеќе поради фактот што средствата кои ќе се добијат, ќе се наменат за санирање на црквите и манастирите кои се наоѓаат во запуштена состојба, затоа што како што вели една стара мудрост: Црквите во државата се олицетворение на самата држава и народот во неа.

5. Општ впечаток е дека Македонската православна црква тргна во дипломатска офанзива за признавање на нејзината автокефалност и за деблокирање на разговорите за статусот со СПЦ. Како ја оценувате средбата на делегацијата на МПЦ со вселенскиот патријарх Вартоломеј и што очекувате од претстојните разговори со руската, грчката, романската и бугарската црква?

Точно е дека Македонската Православна црква покрена дипломатска активност за признавање на нашата автокефалност. Единствена и крајна цел на оваа активност на МПЦ е да се обидеме да ја повикаме Православната заедница во светот да нî запознае, поточно да го запознае актуелниот духовен живот во Македонија и да ја запознае фактичката состојба во Македонската православна црква. Нашите соседи се повлијателни во Православната заедница во светот и го користат тој момент за да ја искриват сликата за духовниот живот во Македонија. Сите сме сведоци, со какви ли не отровни стрели уште не фрлија кон нас, кои, пак, немаат никаква црковна подлога и се спротивни и на самата христијанска доктрина и вера. Но Господ Бог е голем, Тој сî уште нî држи за едната рака. Македонија има духовен живот, за кој сведочат еден куп цркви и живи манастири, издавачка дејност, со цел еден спектар на книги и изданија на македонски јазик. Очекувам, се надевам и го молам Господ дека Патријарсите на големите Цркви ќе најдат сили да ги надминат тесноградите предрасуди кон нас и ќе му посведочат на светот зошто себеси се нарекуваме Христови ученици. Единствено, она што го очекуваме, е тие да се држат до основните принципи на Евангелието, на Каноните и посланијата на светиот апостол Павле, од чие семе сите духовно сме израснати. Впрочем, ние не бараме милост, туку единствено Божјата правда, која во овој случај е на наша страна.

6. За крај, која е вашата велигденска порака до верниците?

Велигден го воспитува народот, тоа е така од памти век. Овој празник го јакне духот, го јакне семејството и го сплотува народот. Овој животворен ден нуди можност да се погледнеме самите себеси, да го посетиме семејството, да се сплотиме едни со други. Велигден е празник на љубовта, мирот и слободата. Овој ден нуди единствена можност да ја спознаеме нашата братска заедница, да се поздравиме како народ и да си го видиме семејството и најблиските роднини. Воскресението Христово ни нуди ексклузивна можност за нов почеток и за нов живот. Да си помагаме, да се почитуваме, да се радуваме на сопствените и на туѓите успеси, да ја градиме нашата заедница, зашто Господ одредил добрината да владее со светот. Нека љубовта, верата и надежта ни бидат вечни идеали кон кои секогаш ќе се стремиме. Да научиме да ги истрпиме тешките моменти, зашто на крајот од тунелот секогаш има светлина, тоа е светлината на Воскресението, тоа е целта на оние, кои Бог ги љуби и ги чува.

Христос воскресе!

Навистина воскресе!

Митрополит Повардарски

†Агатангел (Станковски)

’’Ако Христос не воскреснеше, празна и залудна ќе беше нашата вера.‘‘ - Светиот Апостол Павле