Friday, May 4, 2007

Православна Светлина



Драги верници!

Турбулентниот период низ кој помина Повардарската Епархија во изминатите години, придонесе да се создаде еден вид информативен мрак во односите помеѓу Мајката Црква и нејзините верници. Периодот кој е зад нас, донесе непријатни моменти во практикувањето на нашата вера, што во многу придонесе за нарушената комуникација. Се радуваме што тој период е зад нас и што ќе можеме целосно да се посветиме на јакнењето на нашата заедница со Бога. Со овој прв број на списанието „Православна Светлина“, Повардарската Епархија започнува нова пракса во комуникацијата со своите верници, каде основна и единствена цел ќе транспарентноста, близината и достапноста на активностите на Епархијата. Покрај списанието, Епархијата започна и со подготовка на цел еден спектар од книги, брошури и водичи кои ќе нѝ помогнат целосно да го спознаеме и да го примиме Господ Бог во нашите животи, за да го пронајдеме својот мир и спасение. Списанието ќе опфаќа најразлични рубрики во кои ќе обработуваме теми од животот на човекот, а со посебен нагласок на доктрината и моралот во нашата Мајка Црква, преку чие изучување ќе се потрудиме да укажеме на многу девијации што денес брзо се шират и заземаат тло особено кај младите генерации, надевајќи се од темите кои ќе ги обработуваме да ги спознаеме позитивните моменти. Богослужбата, исто така, ќе има значаен дел во рамките на ова списание, како и сите други црковни обреди со кои сте помалку или повеќе запознаени. Голем дел од она што ќе го пишуваме ќе биде посветено на Светите Црковни Тајни - Причеста, Покајанието и Исповедта, а со цел, преку нивното целосно запознавање да го потикнеме спознанието на Бога во секое срце, да ја просветлиме секоја душа со светлината на нејзиниот дух, за да биде нашата меѓусебна заедница и нашата заедница со Господ Бог силна, стабилна и вечна. Списанието ќе биде и еден вид билтен на активностите на Повардарската Епархија, така што редовно ќе содржи информации за богослужбите во сите парохии, како и за сите битни моменти од Црковниот живот од периодот до излегувањето на следниот број. Секако дека ќе биде оставен простор во ова списание и за многу аспекти од општествениот живот, каде со посебен нагласок ќе информираме за вредни моменти од уметноста, културата, образованието, воспитувањето и се она што придонесува за примерно и морално однесување на луѓето.

1 comment:

dedanoe said...

ако ми дозволите само да присугерирам дека поправилно и посодржајно е наместо „светлина“ да употребите „светЛОСТ“ што му доаѓа како контраст на „мркЛОСТ“

’’Ако Христос не воскреснеше, празна и залудна ќе беше нашата вера.‘‘ - Светиот Апостол Павле