Thursday, April 19, 2007

Интервју со Митрополит Повардарски Агатангел - за Нова Македонија 07. 04. 2007



Велигден е патот кон сплотувањето

Ве молам кажете ни нешто повеќе за најголемиот христијански празник Велигден, и за неговата традиција во Македонија?
Велигден е најголемиот христијански празник, кој го оживотворува и осмислува целото христијанско учење. „Ако Христос не воескреснеше, залудна ќе беше нашата вера“- вели најголемиот мисионер во христијанската историја, светиот апостол Павле. Господ директно жртвувајќи се Самиот Себеси на крстот, а потоа и воскреснувајќи од гробот ја воскреснал целата природа и сето создание, дарувајќи ни преку овој свет и величествен чин, одлична можност да ставиме нов почеток на нашите животи и да ја надминеме трагедијата на постоењето, со тоа што сега преобразени, прифаќајќи го и примајќи го Воскреснатиот Спасител во нашите срца, веќе ќе можеме да размислуваме за вечноста, како реална и достиглива цел на нашето животно движење. Велигден е доказ дека човекот не е битие родено за смрт, туку тој е повикан на големи и возвишени дела, кои реално ќе може да ги оствари, ако живее праведен живот. Велигден, најдиректно кажано, е победа над смртта, тој на многумина им дава одговор на прашањата поврзани со смислата на животот. Со овој ден Господ Бог покажа дека добрината секогаш ќе го надвладее демонското зло и го охрабри човекот, секогаш да тежнее кон доброто, љубовта, пријателството и милоста во неговиот живот. Светлината на Христовото Воскресение ја осветлува патеката по која треба да се движиме, и ни покажува каков треба да биде нашиот однос кон ближните и кон целото создание. Македонија и македонскиот православен народ, достојно низ вековите го прославувал овој празник. Македонецот, едноставен според својата природа и воспитување, знаел со почит да го препознае овој неповторлив, величествен и свет ден. Не залудно, тој овој ден го нарекол со името - Велигден, искажувајќи ја со тоа суштината и величенственоста на овој празник.

Велигденските јајца се вапцуваат во црвена боја. Која е симболиката, зошто токму во црвена боја?
Преку симболичниот начин на дарување на црвени јајца и со зборовите Христос воскресе - Навистина воскресе, се поздравуваме и си го честитаме овој празник. Ваквиот начин на меѓусебно честитање и поздравување е стар колку и самата Црква. Според преданието, света Марија Магдалена, една од жените која целиот свој живот му останала верна на својот Спасител, сретнувајќи се со римскиот император Тибериј, му дарувала црвено јајце и го поздравила со зборовите: Христос воскресе. Оттогаш па наваму, ова станало вообичаен поздрав за време на празникот меѓу народот Божји.
Црвеното јајце го симболизира гробот и смртта и разбивајќи ја неговата надворешност, односно лушпата на јајцето, ние, ги разбиваме стегите на адот и пеколот. Кршејќи ја надворешноста на јајцето го симболизираме новиот живот даруван преку Воскресението Христово. Црвената боја на јајцето ја покажува цената со која сме откупени, а тоа е Страдањето и Распетието на нашиот Спасител и Господ.
Како го доживувавте празникот Велигден во детството?
Величенственоста на овој најголем христијански празник, секое православно битие ја спознава и ја прима многу лесно и уште во најрани години. Сплотувањето на семејството, посетата на црквата, кршењето на црвените јајца, велигденската трпеза будат многу позитивна енергија кај најмладите православни христијани, која останува засекогаш врежана во нивната свест. Секој нареден Велигден се очекува со нетрпение. Ништо поразлични не се и моите искуства со Пасхалната радост која во себе ја носи овој ден. Можам да кажам дека токму празнувањето на Воскресението Хртистово, најпрво во мене ги побуди христијанските чувства, ме натера да го спознаам и со радост да го примам присуството на нашиот Бог.
Што се треба да има на велигденската трпеза?
Со Воскресението Христово, завршува Великиот Велигденски пост, а тоа значи дека на трпезата може да биде принесена мрсна храна. Македонскиот народ има долга традиција на Велигденската трпеза да принесува печено јагне, а тоа има силна симболика, затоа што древната православна црква, во нејзината базиликална иконографија го сликала јагнето како еден од симболите на нашиот Господ Исус Христос. Ова, се разбира, има и Евангелска подлога, зашто во Новиот Завет за Христос се вели дека е Он јагнето кое се жртвува за гревовите на светот. Меѓутоа храната и не е најважното нешто на Велигденската трпеза. Примарната работа не е каква храна ќе се принесе, туку целта на трпезата е да се собере семејството и најблиските роднини. Велигденската трпеза може да се набљудува како еден вид Агапи што редовно се практикувало во раното христијанство. Велигденската трпеза е симбол на љубовта, почитта и разбирањето.
Која е целта на Велигденски пости?
Пред празникот Велигден, Православната црква благословила долг подготвителен период на покајание и постење, кој трае преку десет седмици. Прво доаѓаат дваесет и два дена на претходна подготовка, потоа следуваат четирисесет дена на Великиот Пост и на крајот е Страсната Седмица, односно Неделата на страдањата Христови. Примарната цел на постењето е да не направи свесни за нашата зависност од Бога, и да го поттикне нашето внатрешно покајание. Постот има два аспекта, физички и внатрешен. Тој треба да не насочи кон подобро здравје и подобра телесна рамнотежа, но вистинското постење пред се треба да биде сместено во нашите срца. Во зборовите на св. Јован Златоуст за „апстиненција не само од храна, туку и од гревови“ се гледа и моралниот аспект на постењето. Тој подразбира постење не само со устата, туку и со окото, рацете, нозете и сите органи на телото. Само така ќе можеме да имаме вистинска полза од постењето. Без ова се доведуваме во опасност постот да биде само една обична диета, која може само да ни ја нахрани суетата, што се разбира е повеќе од катастрофа.
Која е Вашата порака за верниците и православните христијани по повод најголемиот христијански празик Велигден?
Велигден е вистинска можност да се сплотиме како народ, да си простиме еден на друг, братски и со љубов да си подадеме рака, да воспоставиме нов почеток во нашите животи. Нека љубовта, верата и надежта ни бидат вечни идеали кон кои секогаш ќе се стремиме. Да му благодариме на Бога за добрините што ни ги направил, да го благословиме Неговото име, за Него да ги отвориме нашите срца, да се облечеме во Неговиот живот и да речеме со сето наше битие:
“Христос воскресе“! Навистина воскресе!

No comments:

’’Ако Христос не воскреснеше, празна и залудна ќе беше нашата вера.‘‘ - Светиот Апостол Павле