Thursday, April 19, 2007

Веронауката не е предмет на политикантство




Беспотребната расправа за проектот воведување веронаука во образовниот процес, што трае веќе неколку години, а е предмет на кршење копја на спротивставените политички блокови во Република Македонија, навидум се ближи кон својот крај. Крајот на оваа расправа го најавуваат измените на Законот за основно образование, кои би требало да стапат во сила во учебната 2007/2008 година, а предвидуваат воведување на веронауката како изборен предмет во основното образование. Беспотребноста, пак, на оваа расправа ќе се обидам да ја објаснам анализирајќи неколку прашања, кои треба да бидат сосема јасно разбрани од секој поединец во нашата држава, за да бидеме сигурни дека проектот веронаука е вистински оправдан потег. Јас, како православен христијанин, ќе го анализирам овој момент од тој аспект, а верувам дека истите принципи се однесуваат и на другите религии, кои се застапени во Република Македонија.

Најпрво, да се прашаме дали оваа расправа е оправдано присутна во политичките кругови?

Црквата ниту некогаш се обидела, ниту ќе се обиде да се постави над државата. Односите меѓу црквата и државата се јасно определени и тука нема никаква дилема. Веронауката никако нема да го смени секуларниот карактер на Република Македонија, кој подразбира целосно одделување на религијата од социјалните и политичките активности на државата. Идејата на МПЦ за воведување веронаука во образовниот процес не е од причина да се направи обид да се воздигне улогата на црквата во општествените односи во државата. Со упорните заложби на поединци да се стави црквата во машината на дневното политикантство, се извртува и самото гледиште кон проектот веронаука и се тежнее кон тоа да се направи негативна слика на нешто што се турка насила. Упорно се прави обид да се прикаже неоправданоста на проектот, а притоа да не се согледаат придобивките од таа идеја, туку само да се сумира кој политички ќе поентира, а кој ќе изгуби од таа битка.

Но, тоа не е политичка битка. Црквата не е во служба на државата, а најмалку на политичките партии. Со тоа што нуди помош на општеството, црквата нема никаква намера да ја доведе во прашање секуларноста на државата, а понудата за помагање на воспитниот процес, најмалку може да се оквалификува како неуставна. Всушност, црквата и државата имаат иста целна група, а тоа е народот, и иста цел, а тоа е општото добро за сите. Тоа е заедничко и затоа веронауката треба веднаш и целосно да се растовари од политичка расправа и кон неа да се пристапи со општа согласност.

Ние сите сме верници, веруваме во нашето спасение. Не постои категорија поголем или помал верник. Но, постои категорија упатен и неупатен верник. Упатениот верник ги спознава вистинските причини за посетата на црквата, за палењето на свеќата, за Светите тајни крштение, исповед, за покајанието, за спасението, накратко за работите кои тежнеат да му донесат душевен мир на човекот, да му донесат целосно спознавање на љубовта, пријателството и милоста во животот. Неупатениот верник се разликува од упатениот само по тоа што немал можност да дојде во допир со христијанската литература. Крајната цел на проектот веронаука е токму тоа, можноста на секого да му се понуди оваа литература, можноста на секого да му биде понудена христијанската доктрина и морал, која содржи небројни, бесценети мудрости.

Денес воспитувањето на децата е најкритичниот момент во нашата држава, но и во светот. Воспитувањето на личноста како се' повеќе да им бега од рацете на родителите и образовните институции, а клучен фактор во образовниот и воспитниот процес имаат глобалната Интернет-мрежа и модерната технологија. Но, нели забораваме колку важен процес занемаруваме? Воспитувањето на децата мора да има приоритетна позиција во образованието. Веронауката може само да го помогне процесот на воспитување на личноста, а никако штетно да влијае на однесувањето на децата. Веронауката никако не може да предизвика ефекти на занесеност или на фанатичност, како што некои го разбираат тоа, туку единствено ќе овозможи запознавање со христијанското учење и морал, кои го јакнат духот и личноста на човекот.

За да можеме јасно да пристапиме кон согледувањето на ефектите и потребата од веронаука, мораме и јасно да разграничиме дека веронауката никако не треба да биде предмет на дневнополитички пресметки, туку дека тоа е како потреба на општеството, тоа е одлична можност да се дојде до ново и подлабоко спознание.

Веронауката доби зелено светло од државата и таа ќе ја почне својата мисија. И покрај тоа што во овој момент постојат резерви и сомнежи за оправданоста на проектот, крајниот ефект ќе биде поздравен од сите, во тоа сум апсолутно сигурен.

No comments:

’’Ако Христос не воскреснеше, празна и залудна ќе беше нашата вера.‘‘ - Светиот Апостол Павле