Wednesday, July 18, 2007

†Митрополит Повардарски г. Агатангел - писмо до Утрински Весник, 13 јули 2007





Партнерство, а не полтронство

(Повод: „Владата ќе ги моли МПЦ и ИВЗ да бидат полиберални“, 6 јули 2007)


Начелно, МПЦ воопшто не е против воведување закон за верските заедници кој ќе биде со согласност со европските стандарди, бидејќи сме сосема свесни дека правото на верско живеење и слободно духовно размислување е апсолутно неприкосновено. Она што ние го бараме во тој „либерален“ закон е да биде јасно подвлечено, потенцирано и поимливо и суштински разграничено што е тоа верска заедница, а што е секта, што е тоа терористичка групација, а што политичка организација со верски предзнак и која од нив правно може да биде регистрирана. Исто така, бараме од нашите политичари на емисарите од НАТО, ЕУ и Ватикан да се потрудат да им објаснат во каква тоа ние специфична и оригинална ситуација се наоѓаме на верски и црковен план. Ним, сигурно им е познат спорот кој го имаме околу името на државата со Грција, но веројатно ни малку не им е познато, а уште помалку сфатливо дека Грција ја користи својата „супериорност“ во Православието за да дојде до поволна ситуација при преговорите за името.


Имено, Грчката православна црква, во содејство со Српската православна црква инсталира и финансира една група на луѓе, кои формираа фиктивна црква во Македонија, која има за задача политички да влијае во полза на државата Грција во однос на името Македонија. Оваа црковна организација, и покрај тоа што е полна со скандали, некому воопшто не му пречи токму неа да ја преставува пред целиот свет како единствена канонска црква во РМ. Припадниците на оваа организација немаат врска со црковноста бидејќи сите нивни настапи во јавноста, што преку некој медиум, што преку интернет се насочени кон оцрнување на државата и нејзиниот народ, потоа кон испитување на македонскиот национален идентитет, пронаоѓајќи и произведувајќи притоа безброј цинични и иронични тези. Од полициски официјални и неофицијални извори познато е дека оваа организација прима парични средства од странски држави, комуницира со странски разузнавачки организации и се дави во неморал и матни политички и економски зделки. Оваа таканаречена црква полека се распаѓа зашто во себе содржи сектанска психологија и криза на идентитет. Откако во „нормалните“ држави ќе биде востановена ваквата фактичка ситуација, следуваат драконски казнени мерки. Она што за НАТО, ЕУ е Бинладеновата Ал Каеда, тоа за нас Македонците е оваа христијанска организација. Според тоа државата би требало овој аргумент да го има како силен адут кога разговара и преговара со европските и светски емисари на тема „либерален закон за верски заедници“. Ние како држава и како македонски народ апсолутно не смееме да бидеме пасивни во однос на одбрана на нашето национално јас. Нашата политичка умешност ќе биде пресудна по ова прашање. Нашето интегрирање во евроатланските организации треба да биде на ниво на партнерство, а не на ниво на полтронство, зашто како такви ние воопшто не и' требаме на Европа.

Од друга страна се поставува прашањето, што ќе биде со верските организации со тоталитарен предзнак, кои секако дека постојат и кај нас. Како државата ќе го контролира нивното дејствување. Гнасно е и да помислиме, но што ако некоја од овие радикални и екстремни организации, скриени под наметката на доброто, одлучат да извршат колективно самоубиство и или, пак, продолжуваат да ги малтретираат перманентно своите поранешни членови? Вакви бизарни организации постојат на Запад и таму нивните општества се соочија со грдите слики на предходно споменатото. Дали некој од НАТО и од ЕУ ова ќе ни го предочи или пак тоа ние самите ќе треба да си го сфатиме, тогаш кога ќе биде доцна и кога раната веќе направила духовна гангрена? Дали нашиве политичари размислуваат на овие теми кога „кимаат со главите, во став мирно, пред европските и светски емисари“? Јас лично не сакам некој „на сила“ да ме внесе во Европа по секоја цена, ниту робувам на мистификацијата околу нашето зачленување во оваа организација. По влегувањето на некои наши соседни земји во ЕУ, се уверивме дека овие организации и не држат баш до некои свои критериуми.

На крајот би сакал да потенцирам дека, ние не бараме некој во случајов да ни попушта, туку ја бараме и браниме вистината и правдата, целосно спротивставувајќи и' се на анархијата која би можела да не' подјарми, доколку не бидеме внимателни и самосвесни за својата иднина. Токму во овој контекст и барам да биде разбрано ова мое обраќање.

No comments:

’’Ако Христос не воскреснеше, празна и залудна ќе беше нашата вера.‘‘ - Светиот Апостол Павле