Tuesday, May 29, 2007

Семакедонски православен христијански собор - впечатоци

На 20 мај, неколку дена по Спасовден, денот на кој го славиме Христовото вознесение, Повардарската епархија на Македонската православна црква беше домаќин на вториот „Семакедонски христијански православен собор”, кој со тенденција да прерасне во традиционална православна средба на македонските верници, е востановен под духовно водство на Митрополитот Повардарски г. Агатангел во 2005 г. Велелетниот соборен храм „Св. Вмч. Пантелејмон” во Велес, на овој ден беше духовен дом на неколку стотици верници од повеќе градови во Македонија, кои со своето присуство го изразија својот силен христијански дух, а истовремено го поздравија и своето македонско битие, кое опстојува од древни времиња, па се до денес.

Оваа средба, замислена како манифестација која има за цел да ја покаже нераскинливата врска меѓу македонското вековно опстојување и православната христијанска вера, во целина ги оправда очекувањата, зашто присутните верници, како олицетворение на сиот македонски народ, силно ја демонстрираа својата никогаш несогорлива потреба и приемливост од Севишниот Господ Бог, кој сигурно го држи македонското битие во своите раце и ги љуби и чува своите македонски чеда.
Средбата традиционално започна со Света Божествена литургија, со која чиноналалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Полошко – Кумановски г. Кирил, Митрополитот Преспанско – Пелагониски г. Петар, Митрополитот Струмички г. Наум и Митрополитот Европски г. Пимен. Богослужбата, беше збогатена и со присуство на свештенство од сите епархии на Македонската православна црква. Проследена со милостивите звуци на велешкиот црковен хор „Св. Вмч. Пантелејмон”, Светата Божествена литургија беше вистински приказ на вечниот христијански оган во македонските души и вечната стража над принципите на православната вера и традициите на Раната црква, востановени од Самиот Христос и Неговите апостоли. Силната и нераскинлива врска, која го поврзува македонското национално битие со православната вера, уште еднаш беше цврсто потврдена, но и покрај тоа архиереите на Македонската православна црква не пропуштија да упатат апели за уште посилно зацврстување на таа врска, која го одржува македонското опстојување како непобитна реалност од самото зачнување на светот, па се до денес.
Православната вера, преку Светата православна црква, востановена од Самиот Христос и Неговите апостоли, е вечен чувар на нашето македонско опстојување. Во услови кога нашите дедовци, прадедовци и сите наши македонски предци биле изложени на најмачни искушенија да се откажат од својата македонска христијанска припадност, од својата македонска крв, од своето македонско име - христијанската вера, христијанската надеж и христијанската љубов биле последната линија на одбраната на македонскиот идентитет, тие биле насоката која го одржала македонското јадро на вистинската патека. Никогаш да не ја заборавиме токму оваа жртва на нашите предци, никогаш да не ја заборавиме токму оваа силна вера која го одржала македонското семе – ова се само дел од апелите кои ги упатија архиереите на Македонската православна црква до македонскиот народ.
Во својот поздравен говор, Митрополитот на епархијата - домаќин г. Агатангел, истакна:
- Силниот дух отсекогаш бил и ќе биде вечна одлика на Македонскиот човек. Силната христијанска вера која ја демонстрирале нашите предци, кога во услови на ропство, нечовечни обиди за нивна асимилација и најсурова немаштија, тие граделе божји храмови, како благодарност кон Бога за силата што ја наоѓале во Неговите зборови за достоинствено да се одржат во живот, е вечна потврда за нашето постоење, но и тежок и мил аманет врз нашите плеќи, да не заборавиме каква жртва поднеле нашите предци за нас и да го чуваме тој силен христијански оган во нашите души, засекогаш.
Пораката за мир, љубов и единство, која до верниците и до целиот македонски народ ширум светот, ја испрати оваа средба, треба да биде нашиот одговор на сите тешкотии, маки и искушенија со кои се соочуваме заедно како народ.

- Денес сме тука, за да посведочиме уште еднаш пред светот, дека македонската нација постоела од древни времиња, дека сигурно и недвосмислено го чуваме својот национален идентитет и денес и дека македонското православно опстојување безбедно и беспрекорно ќе плови кон светла и благословена иднина, во Божјата прегратка. Нека Евангелските заповеди за вера, надеж и љубов, бидат основа на нашата препородба, да се потрудиме во тие зборови да ги препознаеме силата и цврстината на нашиот одговор, на нашата христијанска заповед никогаш да не се предадеме, никогаш да не потклекнеме пред предизвиците кои со себе ги носат времињата во кои живееме. Денес тука, неслучајно сме собрани пред соборниот храм „Св. Вмч. Пантелејмон” во Велес, место кое е вистинско сведоштво за вечноста на македонскиот христијански оган, да испратиме една порака до целиот наш народ македонски, до сите наши браќа и сестри кои не се присутни денес тука, до сите македонци кои живеат на различни страни од светот, далеку од своето родно парче земја, до сите наши соседи, до Европа и до целиот свет. Не сакаме да докажуваме било што на оној што ќе се дрзне да фрла стрели кон нашиот македонски идентитет, тоа не ни е потребно. Македонија е непобитна реалност, секогаш била и ќе биде, колку и да му пречело и да му пречи тоа некому. Ние ќе вратиме со добро на секого, ќе се помолиме за спасение на секоја душа, зашто секој сличен на нас е наш брат – истакна Митрополитот Повардарски г. Агатангел.
Предавањето на тема „За подвигот на единството” на професорот на Теолошкиот факултет, проф. д-р. Ѓоко Ѓорѓевски, беше чинот со кој се заврши овогодишната „Семакедонска православна христијанска средба”.
Сепак, тоа беше само протоколарниот дел од манифестацијата. По завршувањето на средбата следуваше закуска за сите присутни на соборот, а потоа беше организирана и посета на археолошкиоот локалитет „Стоби”, кој се наоѓа во близината на Велес.
По завршувањето на годинешниот „Семакедонски христијански православен собор”, општи беа впечатоците на сите присутни верници на тој чин дека вакви манифестации се повеќе од потребни на овие наши простори, дека ваквите манифестации ни даваат можност да се погледнеме себеси, да си погледнеме во нашето минато, да се доживееме сите како браќа, за да биде нашата заедница со Бога и меѓу нас самите, стабилна и вечна. Затоа и треба да се поздрават напорите на духовниот творец на оваа манифестација, Митрополитот Повардарски г. Агатангел за нејзино создавањето и да се остави аманет оваа манифестација уште повеќе да се развива и да продолжи уште многу години.
Третиот „Семакедонски православен христијански собор”, догодина ќе го организира Струмичката Епархија на Македонската православна црква.




No comments:

’’Ако Христос не воскреснеше, празна и залудна ќе беше нашата вера.‘‘ - Светиот Апостол Павле